Поради отсуство на обвинетиот Александар Брајковски судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ е одложено за 29 октомври.
Обвинетиот до судот доставил поднесок со кој ги известува дека во тој период имал закажано седница на општина Гази Баба, каде тој е советник.
На ова реагираше обвинителката Фатиме Фетаи која кажа дека причините за отсуство на Александар не се оправдани и се со цел да се одолговлечи судењето. Таа предложи судијата да нареди присилно приведување и тоа веднаш.
Адвокатот Боро Тасевски, пак, истакна дека барањето на СЈО е неосновано бидејќи се работи за седница на чиј дневен ред се 12 точки што треба да ги гласаат советниците посебно, бидејќи во Советот на општина Гази Баба соодносот на политичките сили е таков што само со еден глас може да се донесе или укине некоја одлука.
Специјалната обвинителка Фетаи рече дека судијата треба да пресече што е поважно, седницата на Советот на општината или судењето што се води во моментов.
Судијата пресече и рочиштето е презакажано за 29 октомври.