Во Кривичниот суд денеска продолжува слушањето на „бомбите“ во предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кој се обвинети повеќе поранешни функционери.

Слушањето на „бомбите“ почна во четвртокот кога беа слушнати првите аудио снимки, а продолжи во петокот со преслушување на 106 од вкупно 1.063 „бомби“.

Досега на снимките се слушнаа разговори меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, шефот на Кабинетот на поранешниот премиер Мартин Протуѓер и други лица околу изборната кампања за изборите во 2013 година.

Одбраната повторно реагираше дека снимките немаат никаква доказна вредност, на што судијата Осман Шабани рече дека доказите се прифатени и ќе бидат изведени, а потоа судот ќе цени дали тие се однесуваат на кривичното дело или не.

За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година. аа/бак/08:09