Мобилна болница на почетокот на идната недела ќе биде поставена до Универзитетската клиника за инфективни болести, во која ќе се сместат 130 кревети, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Мобилната болница треба да го надополни капацитетот, тоа е болница која ја користи Армијата. Имавме интензивна комуникација со министерката за одбрана и целосно излегоа во пресрет од Армијата, а понатаму градот Скопје што го обезбеди просторот каде таа ќе биде сместена. Сметаме дека треба биде блиску и да се надополни капацитетот на Инфективната клиника, зашто тука е и експертизата и тука е и можноста да ротираат тимовите. Значи ќе има врски со Клиниката, ќе има и соодветни услови, тоалети, тушеви, и кревети. Капацитетот ќе биде 130 кревети. Сегашниот капацитет на клиниката е 110 легла. Сметам дека ќе биде сосем доволен и може да се направи и добар распоред согласно клиничката слика на пациентите, рече Филипче.

Додаде дека секогаш се на располагање и другите лекари и медицински сестри од другите клиники и болници, тоа е план што го направиле пред неколку недели и тие можат да помогнат во третманот на пациентите.

Мобилната болница ќе биде поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар“, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.