Државниот правобранител за подрачје Велес, Борче Пинов (46) е човекот чие семејство во најтешките моменти покажа огромна хуманост, и по неговата смрт реши да ги донира неговите органи, пишува Фокус.
Како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, утрово на Клиниката за Урологија биле експлантирани два бубрега од 46 годишен пациент кај кој вчера беше потврдена мозочна смрт.
-Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35 годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација. За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодарувам на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два животи-изјави Филипче.
Борче, кој пред осум години беше именуван на функцијата државен правобранител за подрачје Велес, починал вчера, по пет дена лекување на КАРИЛ во Скопје. Несреќата во која се здобил со витално загрозувачки повреди се случила во Велес, откако паднал од височина. Тој зад себе остави сопруга и две малолетни ќерки. Министерот за ,,Фокус” потврди дека велешанецот е донорот.
На 23-ти мај годинава исто така од починат донор, Емилија Динева од Дојран, се трансплантираа срце и бубрези.