По притворањето на седумтемина странски борци на Исламска држава (ИД) со потекло од Македонија во вторникот, извори на безбедносните служби информираа дека безбедносната состојба во земјава е мирна и под контрола, закани од тероризам нема, но дека опасност секогаш постои.
Македонските државјани кои учествувале во војните во Сирија и Ирак беа приведени на 7 август. Тие се на возраст од 23 до 41 година (С.Р. 1990, Џ.А. 1993, Б.Ф. 1994, О.Ж. 1987, Е.О 1994, И.Ш. 1977, А.М. 1995) и потекнуваат од Скопје, Прилеп, Тетово и Гостивар. Пред три и две години против нив беа поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016).
Репатрираните борци на ИД во вторникот биле донесени со воен авион на скопскиот аеродром каде што биле и приведени. Биле уапсени од единици од Сириските демократски сили. Како странски платеници биле заробени во Сирија. Процесот на апсење и нивно преземење во земјава бил заеднички изведен со Глобалната антитерористичка коалиција. Уапсените ќе одговараат по член 322а, а еден од нив и по член 394а од Кривичниот закононик.
По нивното преземање и пиведување, Пентагон ја поздрави одлуката на Македонија да ја прифати групата нејзини државјани заробени во Сирија. Портпаролот Ерик Пахон за „Вашингтон тајмс“ изјави дека Македонија покажала пример за сите членови на Глобалната коалиција како да се порази Исламска држава и нагласи дека странските терористички борци не се само проблем за Сирија или за регионот, туку глобален проблем што бара глобална соработка.
Според изворите на безбедносните служби, во наредниот период се очекува да бидат приведени и останатите терористи од Македонија кои се бореле на боиштата во Сирија и Ирак. Се претпоставува дека се работи за 15 до 20 лица, а за петмина од нив и Интерпол има потерница.
На боиштата за Исламската држава во изминатите неколку години загинале 35 македонски државјани.