Услуги до 15 минути и употреба на маска, како за клиентите, така и за вработените, се дел од новите правила и мерки под кои борделите во Грција, од понеделникот, по тримесечна пауза одново започнаа со работа, јави дописничката на МИА од Атина.
Според здравствените протоколи од Националната организација за јавно здравје, како што објавија грчките медиуми, давателите на услуги треба пред секој клиент да ги мијат рацете или да користат антисептик, да избегнуваат непотребни контакти, како на пример ракување, услугата да не биде подолга од 15 минути, а не е дозволено да биде давање услуга на двајца или повеќе клиенти истовремено.
Со протоколите, се препорачува употреба на заштитна маска, а меѓу главите на двете лица да има растојание од најмалку една подлактница.
Паралелно, сопствениците и менаџерите на јавните куќи ќе треба четири седмици во затворен коверт да ги чуваат податоците на клиентите доколку се појави позитивен случај на Ковид-19 и да треба да се направи проверка на контактите.