Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, го оцени како важен договорот на Курти и Вучиќ за спроведување на Договорот за нормализација на односите меѓу нив, поддржан од ЕУ. Борел рече дека Косово се согласило „веднаш да започне преговори со ЕУ“ за да обезбеди „соодветно ниво на само- менаџирање за српската заедница во Косово“.
„За имплементација на членот 7, Косово се согласи веднаш да започне преговори во дијалогот олеснет од ЕУ за создавање гаранции со цел да се обезбеди соодветно ниво на само-менаџирање за српската заедница во Косово“, изјави Жозеф Борел, висок претставник на ЕУ.
Иако страните одлучија формално да не го потпишат договорот, како што рече, се договориле што поскоро да почнат да го спроведуваат.
„Она за што се согласија страните е Договорот и неговата имплементација преку Анексот да стане составен дел од нивните соодветни патишта кон Европската Унија. Јасно е дека двете страни ќе имаат голема корист од овој договор, бидејќи дијалогот не е само поради Косово и Србија, туку се работи за стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион“, додаде тој.
Високиот европски функционер рече дека на средбата Курти Вучиќ ја поддржале „декларацијата за исчезнати лица, како што е преговарано во дијалогот со посредство на ЕУ, како итна работа“.
Претставникот на САД, Габриел Ескобар изјави дека Косово и Србија постигнале „тежок, но неопходен“ договор. Тој рече дека постигнувањето на помирувањето им овозможува на Косово и Србија да се придвижат кон евроатлантската интеграција.
„Сакам да им честитам на страните што постигнаа тежок, но неопходен договор за постигнување мирен и предвидлив однос меѓу нив. Ова не само што ја отвора вратата за поголема евроатлантска интеграција за двете земји, туку и ја отвора вратата за регионот да влезе во нова ера на мир“, изјави Габриел Ескобар, претставник на САД за Балканот.
Договорот од 11 члена, објавен на 27 февруари, не ја обврзува Србија да го признае Косово, но бара двете земји да ги прифаќаат меѓусебните документи и симболи, вклучувајќи: пасоши, дипломи и регистарски таблички./