Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел изјави дека продолжува внимателно да ја следи ситуацијата на северот на Косово и им порача на двете страни дека сите дополнителни провокации или еднострани и некоординирани дејствија се „неприфатливи“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Србија и Косово мора безусловно да ја деескалираат ситуацијата на терен со итно повлекување на специјалните полициски единици и отстранување на блокадите на патиштата, изјави Борел во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Тој истакна дека Србија и Косово мора да најдат решение за да ја смират ситуацијата и да се договорат како да се оди напред, а ЕУ „активно ќе ги поддржи тие напори“.
– И косовските и српските лидери се целосно одговорни за секој ризик по безбедноста и благосостојбата на заедниците во Косово и во Србија. Го истакнав тоа во моите повици до претседателот Вучиќ и премиерот Курти оваа недела, кажа Борел.
Тој нагласи дека дијалогот со посредство на ЕУ останува единствената платформа каде што се разговараат и решаваат сите отворени прашања меѓу страните, вклучително и прашања поврзани со слободата на движење и регистарските таблички, порачувајќи дека „силно ги повикува Косово и Србија да го искористат. “
Пристигнувањето на двајцата главни преговарачи во Брисел во наредните денови е првиот позитивен чекор, изјави Борел, додавајќи дека е клучно тие да дојдат со мандат да разговараат за тоа како да продолжат понатаму и да најдат одржливи решенија што се во интерес на граѓаните.
– Повторуваме – очекуваме и Косово и Србија да се вратат на подобрување на околностите кои водат кон помирување, регионална стабилност и соработка за доброто на своите граѓани. Ова е клучно за постигнување сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на нивните односи, што е неопходно и за двете страни да напредуваат на својот пат кон ЕУ, изјави Борел.
Тој изјави дека е во контакт со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кого му се заблагодари за вонредната соработка меѓу КФОР и Еулекс.
– КФОР има клучна улога во поддршката на регионалната стабилност на Западен Балкан, заклучи шефот на европската дипломатија.