Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска повтори дека во случајот со Македонија билатералните прашања нема да го одредуваат процесот на пристапување кон Унијата. Борел, на брифинг со новинари, сепак порачал дека во пристапувањето треба да се почитуваат европските вредности и регионалната соработка.
„… Македонија забележува добар напредок и нема ништо од европска страна што би го блокирало нејзиното пристапување во Унијата. При пристапувањето строго ќе се почитуваат европските принципи и стандарди. За ова е неопходна добра соработка, а регионалната соработка останува суштински елемент, како и стабилизација, за да може да се спроведе пристапниот процес. Но, билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки и нема да го одредуваат процесот на пристапување“, рече Борел.
Од друга страна, бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска испрати писмо до европските лидери во кое зборува за евроинтеграцијата на земјава. Радев вели дека на патот кон ЕУ неопходно е да се почитуваат принципите на добрососедство, како и човековите права. Шефот на бугарската држава смета дека инцидентите со клубовите и говорот на омраза се спротивни на таквите заложби.
„Настаните на кои сведочиме денес покажуваат видливо отстапување од трасираниот пат. Изнајдениот компромис прифатлив за двете земји, постигнат од Советот на ЕУ во јули годинава, се уште не доведе до решение на проблемите. Скопје наместо да работи на исполнување на условите повторно очекува преку активно лобирање да го прикрие недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство“, рече Радев.
Радев се осврна и на Резолуцијата што ја усвои германскиот Бундестаг, во која се повикува Софија да се воздржи од дополнителни услови на патот на Македонија кон ЕУ. Тој во писмото вели дека уставните измени се само прелиминарен услов за отворање на преговорите. Радев потсети на протоколите од Договорот за добрососедство кои се однесуваат на говорот на омраза, промени во учебниците и отворање на архивите и според него за овие преземени обврски Скопје досега не направило ништо.