Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека на 14 септември во Брисел ќе се одржи нова рунда разговори на високо ниво меѓу Србија и Косово.
На прес-конференцијата по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Толедо, тој рече дека средбата ќе биде уште еден обид за решавање на ситуацијата, пренесува „Танјуг“.
Борел рече и дека една од темите на состанокот е проширувањето на Европската унија, како и дека шпанското претседателство со ЕУ предложило следниот месец да се одржи министерски состанок за земјите од Западен Балкан и оти министрите се согласиле дека тоа треба да се случи.
Според него, на средбата се разговарало за бројни теми, а главни биле состојбите во Украина и Нигер.