Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел рече дека Брисел ја застапува опцијата за постепено интегрирање на земјите од Западен Балкан во Унијата.
Тој смета дека несогласувањето меѓу Белград и Приштина во врска со Косово е сè уште во голема мерка присутно.
– Ако не го стабилизираме Балканот, тогаш ќе биде тешко да се сметаме за геополитичка сила, бидејќи никој друг нема да го стори тоа, само Европејците, рече Борел во интервју за „Фајненшл тајмс“.
Тој додаде дека прашањето за Балканот особено ја загрижува ЕУ.
Борел истакна дека „соседството на ЕУ практично гори“ и се заложи за „силен и единствен одговор“ од сите членки на Унијата.
– Во последните 10 месеци, нашето соседство беше зафатено од пламен, од Либија до Белорусија. Сè е многу полошо отколку што очекував, рече Борел.
Говорејќи за медитеранскиот регион, Борел изјави дека тензиите меѓу Грција, Турција и Кипар почнаа експоненцијално да растат и постои сериозен ризик конфликтот да го надмине нивото на зборови.
Тензиите се зголемија кога Турција започна да ги истражува изворите на енергија во спорните делови на Средоземното Море, на кои имаат право и Грција и Кипар. Во меѓувреме, Грција распореди поморски и воздушни единици, додека Франција нареди воени патроли. Лидерите на ЕУ ќе разговараат за Турција на 24 септември.
Во однос на Белорусија, Борел рече дека министрите за надворешни работи на ЕУ на 21 септември ќе состават список на рестриктивни мерки против официјални лица вмешани во местење на претседателските избори во Белорусија.
Брисел ги отфрли резултатите од изборите во Белорусија одржани на 9 август, на кои победи Александар Лукашенко, освојувајќи 80 проценти од гласовите.
ЕУ исто така ја осуди насилната репресија на протестите и предупреди на воведување санкции.