Европа мора да се подготви за потенцијална војна, бидејќи конфликт од широки размери на континентот, надвор од Украина „повеќе не е фантазија“, предупреди денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

„Русија ѝ се заканува на Европа“, како преку тековната војна во Украина, така и преку хибридните напади врз земјите-членки на ЕУ, истакна Борел во говорот пред делегатите на форумот „Нова економија“ во Брисел.

– Војната секако се наѕира околу нас, рече Борел. – Конвенционална војна во Европа со висок интензитет повеќе не е фантазија и мора да направиме апсолутно сè за да ја избегнеме.

Ова е првпат поранешниот шпански министер за надворешни работи толку експлицитно да ја изложи руската закана, по неодамнешните предупредувања од воените началници и лидери во северна Европа за ризикот од нови руски напади надвор од Украина. Данскиот министер за одбрана во февруари рече дека Русија може да ја тестира солидарноста на НАТО во рок од три до пет години.

Борел изрази жалење поради тоа што западните сојузници на Украина не успеваат да ѝ ги обезбедат системите за противвоздушна одбрана кои на земјата итно и се потребни.

Киев неодамна побара од своите сојузници да испратат седум системи за противвоздушна одбрана Патриот за да му помогнат да се спротивстави на руското бомбардирање на неговите градови и инфраструктура.

– Би било незамисливо да не можеме да ги испорачаме, знаејќи дека западните војски располагаат со околу 100 ракетни батерии Патриот, а сепак не можат да ги испорачаат седумте што очајно ги бараат, истакна Борел на форумот „Нова економија“.

– Ситуацијата во Украина е исклучително тешка, бидејќи руската воена машинерија работи со полна брзина, нагласи шефот на европската дипломатија. – Треба да направиме повеќе и побрзо за да им помогнеме да ја добијат потребната опрема, инсистира тој, повикувајќи ги европските земји брзо да ги зголемат своите одбранбени способности.

– Околу 80 отсто од набавките на оружје се прават надвор од Европската Унија, а од тие набавки на оружје што се направени надвор од ЕУ, 80 отсто отпаѓаат на оружје направено во САД, додаде европскиот дипломат, повикувајќи да се стави крај на оваа „зависност“.

Тој, исто така, ја истакна потребата Европа да ја развие својата автономија на полето на одбраната и безбедноста, вклучително и во рамки на НАТО.

Фајненшл Тајмс пишува дека конфликтот на границата на ЕУ покажа недоволно инвестирање во одбранбена индустрија и воените капацитети на блокот. „Исто така, ги исплаши политичките центри кои се загрижени дека САД би можеле да се повлечат од својата долгорочна улога како крајна безбедносна гаранција на континентот доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа по американските претседателски избори во ноември“, пишува ФТ.

Трамп, за кој анкетите покажуваат дека е во тесна трка со претседателот Џо Бајден, се закани дека нема да ги брани сојузниците на НАТО во Европа кои не трошат доволно за одбрана. Тоа доаѓа во време на поширок политички притисок во Вашингтон да ја фокусира својата воена моќ повеќе на Азија отколку на Европа.

– Американскиот чадор, на кој се потпираме уште од Студената војна, можеби нема да биде отворен постојано, рече Борел. – Можеби, во зависност од тоа кој владее со Вашингтон, нема да можеме да се потпреме на Америка да не заштити“.

„Во рамките на Унијата, приоритетите за поединечни членки може да се променат, додаде тој.

Европските земји, кои претходно ги срозија трошоците за одбрана во децениите по крајот на студената војна, сега ги засилија инвестициите во својот одбранбен индустриски производствен капацитет во обид да ги зголемат испораките за Украина и повторно да ги вооружат сопствените сили.

– Но, потребни се повеќе инвестиции, имајќи предвид дека безбедносната ситуација во Европа е во „егзистенцијална криза“, рече Борел. „Потребен ни е нов меѓувладин инструмент за финансирање. . . нешто слично со оној што го создадовме за време на финансиската криза (во еврозоната)“.

Некои лидери на ЕУ повикаа тоа финансирање да се подигне преку заеднички одбранбени обврзници, додека други, кои се спротивставуваат на идејата за поголем заеднички долг, поддржуваат олабавување на правилата што ќе му овозможат на буџетот на ЕУ да финансира оружје.