БОРЕЛ: Војната во Украина ќе се одлучи оваа пролет и лето

/ 15.03.2024

Шефот на европската дипломатија , Жозеп Борел, денеска по состаноците одржани во Вашингтон изјави дека испраќањето нова помош за Украина не може да чека бидејќи за исходот од војната во Украина ќе се одлучува оваа пролет и лето.

Поради сомневањата за продолжување на американската воена помош за Киев, Борел на новинарите во Вашингтон им соопшти дека неговата порака до американските конгресмени е: „Што и да се направи, мора да се направи брзо“.

-Тоа е вистината за нас. Мораме да забрзаме. Мораме да ја зголемиме нашата помош, мораме да направиме повеќе и побрзо. Затоа ги зголемуваме нашите одбранбени способности. А тоа важи и за САД, рече Борел за европската помош за украинската војна, пренесе Хина.

„Следниот месец ќе биде одлучувачки. Многу аналитичари очекуваат голема руска офанзива ова лето, а Украина не може да ги чека резултатите од следните американски избори“, додаде тој.

Американскиот претседател, демократот Џо Бајден, од самиот почеток на руската инвазија во 2022 година го поддржа испраќањето воена помош за Украина, додека неговиот главен противник од редовите на републиканците, Доналд Трамп, прибегна кон политика на изолационизам.

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, сојузник на Трамп, досега одбиваше да повика на гласање за нацрт-законот што на Украина ќе и обезбеди дополнителни 60 милијарди долари.


Од истата категорија