Поранешниот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон изјави дека се уште не е доцна британската влада да постигне договор за „вистинска промена“ на планот на премиерката Тереза Меј за брегзит, но изрази противење за новото гласање во Парламентот оваа недела.
Во колумна во Телеграф, тој нагласува дека можеби постои начин да се излезе од ќорсокакот кога е во прашање ставот на Парламентот за брегзит.
Џонсон беше еден од главните поддржувачи за напуштање на Европската унија на референдумот во 2016 година.
Тој ги повика пратениците евроскептици во британскиот Парламент да го отфрлат договорот за брегзит на Тереза Меј, ако биде ставен на гласање оваа недела со предупредување дека ЕУ ќе добие „неограничено средство за уцени” против Велика Британија.
Тереза Меј очекува оваа недела поддршка во Парламентот во Лондон во третото гласање за нејзиниот план за брегзит. Предвиден термин за стапување на сила на брегзит е 29 март и најверојатно ќе биде променет. Пратениците неодамна гласаа за одлагање на брегзит за барем три месеци.