Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека неговата наследничка Лиз Трас ќе стори сè што е можно за да им помогне на Британците да се справат со високите цени на енергијата.
– Знам дека Лиз Трас и оваа сочувствителна конзервативна влада ќе направат сè што можат со цел луѓето да ја пребродат оваа криза и оваа земја ќе издржи и ние ќе победиме, рече тој во својот проштален говор, стоејќи пред вратата на неговата резиденција и канцеларија на Даунинг Стрит 10.
Британија ќе излезе посилна од економската криза, рече Џонсон напуштајќи го Даунинг стрит за да и ја предаде својата оставка како премиер на кралицата.
– Ова е тешко време за економијата. Ова е тешко време за семејствата низ целата земја. Можеме и ќе го пребродиме, ќе излеземе посилни од другата страна, додаде тој.
Џонсон рече дека рускиот претседател Владимир Путин е целосно во заблуда ако мисли дека може да се извлече со уценување и малтретирање на британската јавност со ограничување на снабдувањето со гас, зголемувајќи ги светските цени.
– Имаме и ќе продолжиме да имаме економска сила да им дадеме на луѓето пари што им се потребни за да ја пребродат оваа енергетска криза предизвикана од злобната војна на Путин, нагласи тој.
Лиз Трас денеска ќе го замени Борис Џонсон на функцијата британски премиер, откако кралицата Елизабета побара од неа да формира нова влада за да се справи со енергетската и економската криза.
Џонсон ќе отпатува во Шкотска за да се сретне со кралицата Елизабета во нејзината резиденција во замокот Балморал за формално да поднесе оставка. По Џонсон, Трас ќе се сретне со кралицата за да добие мандат за формирање влада.