Британскиот премиер Борис Џонсон изјави денеска дека сите треба да се вакцинираат против грип за да се спречи здравствениот систем да биде преоптоварен при нов бран на коронавирус во зимата. Џонсон изрази загриженост за такво сценарио и истакна дека Велика Британија треба да е подготвена.
Во својот говор, на состанокот со медицинските работници во Лондон, премиерот Џонсон ги нарече противниците на вакцините – „луди“.
– И сега ги има овие антиваксери. Луди се, тие се само луди, рече тој.
Џонсон рече дека очекува Велика Британија да ја надмине кризата со коронавирусот до средината на следната година.
– Мислам дека ќе успееме до средината на следната година, изјави тој.
Денеска се одбележува една година откако Борис Џонсон стана премиер на Велика Британија.
Во таа прилика, тој рече дека меѓу лекциите што ги научил за тоа време е дека владата „треба да дејствува побрзо и подобро да одговори на потребите на народот“.