Бугарија е единствената земја во која работи се и луѓето не чувствуваат дека се во пандемија. БСП сака избори, но тие не можат да организираат дури ни внатрешни избори, кажа денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов од Крџали, јави БГНЕС.

-Отсекогаш сум велел дека ги почитувам протестите на луѓето. Досега немало случај на демонстранти кои не биле сослушани и нивниот проблем не бил решен. Но, оние провокатори фрлаа петарди и флеш бомби кон полицијата, ја кршеа Софија и меѓу нив има платеници, не треба да се мешаат едни со други, рече Борисов.

Премиерот не сакаше да одговори на прашањето која мафија ја бара неговата оставка, како што сам кажа пред неколку дена.

-Ќе бидам среќен да ги искоментирам протестите доколку една вечер зборува лицето кое ќе биде нивен министер за социјални работи, друга вечер министер за финансии, а потоа со право да се споредува со нас. Ќе речеме – дојдете, владејте. Како ќе владеат, освен што знаат да бараат бесилка и ковчези, се запраша Борисов.

Според Борисов, Бугарија е единствената земја во која работи се и народот не чувствува дека е во пандемија.

Осврнувајќи се на настаните од 2 септември бугарскиот премиер кажа дека тој ден полицијата била нападната со бес.

-Разбирам дека сакате да не вклучите во полициско насилство, но овој пат полицијата беше нападната, рече премиерот за насилниот протест од 2 септември, пренесе БГНЕС.