БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ НА МИТРОПОЛИТОТ ПОВАРДАРСКИ Г. АГАТАНГЕЛ
по милоста Божја,
до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на
Македонската православна црква – Повардарска епархија,
а по повод Рождеството Христово – Божик,
испраќа мир и благослов од Бога,

Возљубени наши духовни чеда,

Денес, небото и земјата станаа еднакви по чест. Небесниот сјај го прегрна духот човечки, божествената светлина го просветли созданието, човекот се обдари со вистинско богопознание, а нашиот разум и срце, целото наше битие, се соедини со Бога. Словото, полно со благодат и вистина, стана тело и се всели во нас. Денес, во скромната витлеемеска пештера ни се роди најубавиот меѓу синовите човечки. Бог е наша сила и прибежиште, Севишниот го огради Своето живеалиште и тоа нема да се разниша довека.

Воскликнете сите народи, зашто голем цар се зацари над целата земја!

Драги браќа и сестри,

Бог, Кој седи највисоко на небесата, Кој почива на херувимите, денес се роди како обичен човек. Бог, чија раскош и слава ја засенува вселената, преку само една ѕвезда го навести местото на Своето раѓање. На Божик, Господарот на небото стана поданик на земјата. Оној што го вдахновува животот, влезе во Неговата креација за да ја победи смртта која ради непослушание се беше вгнездила во природата. Оној што само со еден збор создал сè, преку Своето воплотување ја поништи слабоста на Адама. Човекот е утврден со Неговата рака, во Христа е сочувано неговото право достоинство. Денес, на Божик, во нас е ископан извор на животот од кој се мие и залекува секоја болка и недостаток. Тоа не го направи ниту ангел, ниту некаков надчовек, туку Самиот Господ

Исус Христос Кој во сè беше еднаков со нас, освен во гревот.

Драги браќа и сестри Македонци,

Возљубени мои духовни чеда,

Секое време со себе си носи свои предности и опасности. Најбитно за човекот е никогаш да не ги напушти универзалните морални вредности, кои се разбира ќе траат со својата важност до крајот на светот и векот. Да не се лажеме себеси, поинаку никако не може да биде. Пред нас како човештво стојат многу искушенија, неизвесности и предизвици. Непријателите на секое добро, поттикнати од нечестивиот и неговите слуги, здружно работат на поништување на сè што е човечко. Tие решиле во сè да Му се противат на Бога, да Го клеветат и обвинуваат за секоја нивна лична лошотија. Човекот систематски се уништува и одвнатре и однадвор. Одвнатре – преку неморал и распуштеност, а однадвор – преку расипништво, незаинтересираност и бесчувствителност. Од ваквите демонски напади не ни се поштедени ниту децата. Се претворивме во општество каде стана нормално и вообичаено покрај дворот на црквата да имаме казино, преку патот од училиштето – обложувалница, а на секој втор агол – заложна куќа со брзи кредити. Се ствара клима каде сè е дозволено, без разлика што истото никако не ни е полезно. Како генерација ни престои тешка борба за зачувување на нормалното, за спасување на себеси, за оздравување од наметнатите и напластени душевни и духовни болести. Нам, Македонците, ни претстои време кога треба да бидеме мудри, кога треба да стоиме и опстоиме во секоја правда и вистина, кога треба да бидеме еднодушни во побожноста, кога треба да го надминеме и победиме секој раздор што нè дели, поделува и уназадува. На овој свет и благословен ден да се угледаме на Новородениот Месија и да покажеме милост и љубов кон своите ближни, кон нашите сонародници, кон нашите соседи, кон секој човек кој е создаден по Образ и Подобие Божјо. Само на тој начин, издигнати во добродетелта и полиени со Божјата благодат, ќе имаме живот овде на земјата, а ќе станеме и чеда на небесниот Отец.

Го молиме Бога, оваа божикна радост што сега ја чувствуваме никогаш да не нè напушти, нека стане составен дел од нас самите, а вечно нека престојува и во нашата љубена татковина Македонија.

Христос се роди, навистина се роди!

На Божик 2024-то Лето Господово