Агатангел
По милоста Божја Митрополит Повардарски, до свештенството, монаштвото, и до сите верни чеда на Повардарската епархија, како и до сите православни христијани, а по повод Божикните празнувања,
ИСПРАКА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА.
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И
ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Возљубени мои духовни чеда!
Денес го славиме почетокот на новото време, почетокот на новата ера за човештвото. Бог, преку Своето воплотување, ни дарува извонредна можност, а тоа е да отстапиме и да го надминеме нашето отпадништво, да се помириме со Него и како победници да влеземе во нашата Небесна татковина. Пред нас е поставен изборот ќе останеме ли заробени во она што е земно и минливо, каде конечно ќе потонеме во смртта и заборавот, или пак, како чисти духовни битија ќе се вивнеме во домот на нашиот Отец, каде царува вечниот живот?! Воплотениот Христос посакува да не врати на небото. Во зависност од тоа колку соработуваме со Бога, колку и како го примаме Неговото Воплотено Слово, на кој начин ја храниме душата и како делуваме во однос на создадениот свет, во таа мера и ќе ни биде дадено или ускратено.
Нашиот живот треба да биде правилно осмислен и устроен, а еден од основните столбови на духовната стабилност и рамнотежа е токму Рождеството Христово. Од оваа точка започнува и се осмислува секој напор, секој наш духовен подвиг. За да ја спознаеме оваа прекрасна тајна, не е доволно само обично размислување за неа, туку се потребни чист ум и чисто срце, кои треба да бидат претворени во украсен царски трон каде ќе седне Богочовекот Христос. Од ова место Бог непосредно ќе владее со сите наши постапки. Само на овој начин во нас може да се роди правилното и делотворно покајание, кое никако не смееме да го испуштаме од нашето внимание и кое непрестајно ќе треба да трае, се до крајот на нашите животи. Покајанието значи промена на своите мисли, промена на начинот на живеење, држење на патот кој води во Царството Небесно, верно и предано служење и на Бога и на својот ближен
Драги браќа и сестри!
Од Евангелието, каде е опишано Христовото раѓање, дознаваме дека пастирите, обичните луѓе, први Му се поклониле на штотуку родениот Месија. Тие без поговор и без никаков сомнеж, со силна и едноставна вера, му се доближиле на Младенецот. За разлика од нив, мудреците морале да одат по обиколни патишта, морале да се распрашуваат за местото на раѓањето. Малку фалело па лукавиот Ирод да ги зароби и да ги спречи во нивната мисија. Сепак, Господ им се смилувал. Он, преку овој пример ни оставил корисно напатствие за тоа каква треба да биде нашата вера. Простото срце води право кон Бога, а умот честопати паѓа во замките демонски, па наместо да го приближува, он го оддалечува човекот од вистинскиот духовен пат. Ова постојано мора да го имаме предвид во нашето непосредно секојдневие. Добро е со знаење да го храниме умот, но мора да бидеме внимателни, бидејќи ако не пазиме, во него лесно навлегува гордоста, па се доведуваме во опасност наместо Бога, него да го поставиме како центар во своите животи. На овој начин мнозина овосветски мудреци пропаднале, а со себе во бездната повеле безброј занесени души.
Господ, денес ги повикува сите на поклонение, и умните и простите, и учените и неучените. Денес, секој добронамерник може да ја прими светлината која Самиот Син Божји ја донел во овој свет. Денес ни се дава Духот кој оживотворува, ни се дава благодатта Божја, ни се дава Самиот Воплотен Спасител, ни се дава Божјото Слово Кое не храни и подучува, Кое не штити и закрилува. Многумина денес се наоѓаат на патот кој води кон бездната, па овој празник Рождеството Христово Божик, го празнуваат само механички и по инерција. За нив овој ден е празник на денгубата, нивните божества денес се прејадувањето, обилното пиење и бесмислената веселба, после која излегуваат уште позагубени и потажни. Сосема е заборавена вистинската смисла и значење на овој празник. Христос дошол во овој свет за да не ослободи од гревот, односно да ни ја даде вистинската слобода. Христовата слобода подразбира дека ништо не треба да владее со нас: ниту храната, ниту пиењето, ниту некоја закоравена и застранета идеја. Живеејќи ја правилно оваа слобода, ние во нас го овоплотуваме Самиот Христос, преку неа стануваме победници и сотрудници Божји, кои се во содејство со Неговата Света промисла.
Драги Браќа и сестри, Македонци и Македонки!
Живееме во време на целосна морална ерозија во нашето општество. Сигурен сум дека се доведовме до една ваква апатија, бидејќи свесно и тврдоглаво ги напуштаме основните духовни принципи, кои уште со Своето раѓање ги воспостави Самиот Воплотен Спасител и Бог. Од ден на ден, стануваме сè повеќе себични и обезличени индивидуалисти, кои единствено се грижат за своето лично задоволство. Оскудни сме во сè, бидејќи е оскудна и сиромашна нашата љубов. Отсуството на љубовта ja рaѓa омразата и потсмевот кон сè она што е свето. Без љубов не сме во состојба да влеземе во положба на нашиот ближен, без љубов лесно го газиме својот брат, за кого немаме никакво разбирање. Без морални луѓе, нема ниту морал во општеството. Законот на духовноста го потврдува тоа.
Во Евангелието се вели дека куќа која е изградена врз песок, лесно се руши пред налетот на дивиот виор (Мат. 7, 24-27). Гревот има таква нарав, од него нема ништо добро да произлезе. Напротив, од еден грев се влегува во друг, од една нечесна и лоша проценка неминовно се оди кон друга, која е со уште пострашна природа. Последица на сето ова мултиплицирање на гревот е целосен распад на личноста, искривување и напуштање на сите правилни критериуми. Вака заразениот човек гази без трошка совест по слабиот и незаштитениот. Нему му е сосема лесно и оправдано без вина, на долгогодишна робија, да затвора невини, да си игра со националните и личните чувства и интереси на својот ближен сонародник, да му чепка по идентитетот и јазикот, по историјата и вековното име. Во име на алчноста, властољубието и славољубието се покажува неверојатна суровост и бесчувствителност. Неспособниот и амбициозниот се турка накај врвот, а вредниот и способниот во бездната на заборавот. Внимавајте браќа и сестри! Гревот е упорен црв, кој целосно одвнатре ја разјадува личноста, па така, наместо боголика личност, пред нас ќе застане сениште облечено во скапи костими.
Возљубени мои духовни чеда!
Денес е Божик денот на нашата љубов и верност кон Христа. На сите вам, со радост ви го честитам
овој празник. Во личноста на Богомладенецот неразделно и неслиено се споени и човечката и Божјата природа. Бог сега може слободно да се нарече и наш Отец, бидејќи Неговото Слово се соедини со нашето тело. Преку послушноста и смиреноста на Богородица, човекот стана чедо на Мајката Божја. Нам Денес, преку овој празник, ни е даден дарот да имаме Божествен Татко и Божествена Мајка. Со нас е Бог, радувајте се! Со Него не може никој да се спореди, Он ги знае патиштата на премудроста, која штедро ја дарува на Своите верни слуги.
Радувајте се браќа и сестри, оти Бог се јави на земјата и како човек живееше меѓу луѓето! (Вар. 3, 38).
ХРИСТОС СЕ РОДИ, навистина се РОДИ!
Во Велес, на 25. 12. 2022-ро лето Господово