На Алфа телевизија во емисијата „За или против“ вечерва гостуваше кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Ново Село, Ѓорѓе Божинов.

На самиот почеток Божинов истакна дека во општините каде што биле градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ за време на владеењето на СДС имало тотална негрижа за доброто на граѓаните и дека СДС водела осветничка политика, со што тогашната централна власт не одвојувала никакви средства и помош за општините.

-Три години бевме градоначалници додека на власт беше СДС којашто граѓаните затоа и ја сменија од власт, не се грижеше за доброто на граѓаните, туку се водеше некоја осветничка политика и ние сите градоначалници коишто бевме од ВМРО-ДПМНЕ, апсолутно никакви средства и никаква помош не добив од тогашната централна власт. Се мачевме со и така малиот буџет за нашата општина, но тоа не ме демотивираше ,ме мотивираше да донесам повеќе донации за општината од странските дипломатски претставништва и од учеството на меѓугранични проекти, рече Божинов.

Божинов објасни дека претходната власт не одобрувала никакви средства за изградбата на филтер станицата во Сушица, но и покрај тоа општината преку кредит успеала да ја изгради и како резултат на тоа граѓаните денес пијат чиста вода.

-Претходната власт 20 месеци предметот го држеше во фиока, не одобруваше никакви средства, истиот пример беше и со водоводот во Самоилово, но упорноста и решителноста дека за овие граѓани мора да добијат чиста и здрава вода за пиење, успеавме да изменаџираме да дојдеме до кредитирање, зеде општината кредит и успеавме да ја изградиме целосно новата филтер станица во Сушица и нашите сограѓани веќе пијат чиста вода, рече Божинов.

На крајот Божинов потенцираше дека општината благодарение на унгарскиот кредит забрзано се развива, и набори дел од реализираните проекти од првиот и вториот јавен повик.

-Сега работиме од унгарскиот кредит и на други 9 проекти коишто се и те како важни, во првиот повик од текот на 2024 година ја започнавме изградбата на пешачката и рекреативна патека од Ново Село до Мокриево во должина од 5км, проект којшто доколку го работевме од општината ќе требаше 10 години да го финансираме етапно, фокусирани сме на развој и подобрување на условите за индустриските капацитети каде што ќе има асфалтирање во неколку индустриски зони, добивме средства и за изградба на целосно нова спортска сала во Колешино, Владата имаше слух ни го одобри, потпишавме договор и за некој ден ставаме камен-темелник. Во изминативе четири години успеавме да асфалтираме 12км патишта, со домаќинско менаџирање на општинските средства успеавме да изградиме седум нови спортски игралишта, се фокусиравме и на спортската сала којашто веќе сега станува спортски комплекс Христо Татарчев, успеавме да ја завршиме филтер станицата во Сушица, но и во секое насленето место инвестиравме во многу проекти, дециден е Божинов.