Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.

Како што соопшти  Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска истакнала дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.

-ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката, изјавила министерката Божиновска.

За време на посетата, раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“ ја информирале министерката  дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.

– Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска. Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4 проценти, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50 проценти – јасен показател дека системот се стабилизира, се вели во соопштението од Министерството за енергетика.

Најавуваат дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.

-Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем, нагласила министерката Божиновска.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, стои во соопштението, ќе продолжи со активен теренски надзор и координација со сите надлежни институции за оптимално искористување на хидропотенцијалот на државата, со цел развој на енергетскиот сектор.лв/са/

фото: Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини