Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, оствари средба со претставници на Германската амбасада во Република Македонија. На средбата се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во областа на енергетската транзиција и справувањето со климатските предизвици.

Во текот на средбата, министерката Божиновска доби официјална покана која беше доставена од страна на преставниците на Германската амбасада, за учество на 11-тиот Берлински дијалог за енергетска транзиција (Berlin Energy Transition Dialogue – BETD), кој ќе се одржи на 18 и 19 март 2025 година во Берлин. Поканата е упатена од страна на министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, и министерот за економија и климатска акција, Роберт Хабек.

Оваа покана има особено значење за нашата земја и претставува значајно признание за напорите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и министерката Божиновска во областа на енергетската транзиција. Министерката Божиновска ќе е единствен претставник од Република Македонија.

Берлинскиот дијалог за енергетска транзиција е водечки меѓународен форум кој ги обединува високи претставници од политиката, индустријата, науката и граѓанското општество за размена на идеи и решенија за глобалната енергетска транзиција. Учеството на министерката Божиновска ќе овозможи претставување на македонските напори и достигнувања, како и создавање нови можности за соработка со меѓународни партнери.