Премиерот Христијан Мицкоски денес оствари работна посета на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Посетата ја потврди цврстата поддршка на Владата за реформите и проектите што се реализираат со цел подобрување на енергетската стабилност, зголемување на инвестициите и унапредување на ресурсното управување.
Разговарано беше за клучните приоритети во енергетиката, тековните реформи во енергетскиот сектор, проектите за модернизација на енергетската инфраструктура и плановите за подобрување на сигурноста на снабдувањето со енергија. Во разговорите беа опфатени и мерките за оптимизација на трошоците и унапредување на регулаторната рамка, со цел создавање стабилен, предвидлив и конкурентен енергетски пазар.
Министерката Божиновска истакна дека Mинистерството останува посветено на спроведување на реформите кои ќе обезбедат сигурно, одржливо и економично снабдување со енергија за граѓаните и индустријата.
– Поддршката од Владата е клучна за реализација на крупните инвестиции и стратешките проекти кои ќе ја унапредат енергетската независност на земјата – подвлече Божиновска.
Премиерот Мицкоски ја потенцираше важноста на енергетиката како еден од најкритичните сектори за економскиот развој на земјата и ја истакна подготвеноста на Владата да даде поддршка во реализацијата на стратешките проекти.