-Земјите од Западен Балкан постигнаа значителен напредок во енергетскиот сектор во насока на приклучување кон трендовите во Европа и светот. Регионот презеде важни реформи, се приклучи на Енергетската заедница, посветен е на зелената транзиција со постепено укинување на јагленот во корист на обновливите извори на енергија и зајакната регионална соработка и интеграција. Меѓутоа, во ера која се карактеризира со брзи технолошки напредок, итни еколошки предизвици и тектонски геополитички промени и надворешни влијанија, нашиот регион повторно се наоѓа на клучен крстопат. Ова го истакна Сања Божиновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на годинешното издание на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) кој во организација на Делегацијата на Европската унија во државава и ЗИП Институтот, во партнерство со Фондации Отворено општество – Западен Балкан се одржува во Скопје.

Таа како учесник на панелот „ Храбри стратегии за обновување и пренамена на енергетскиот сектор во Западен Балкан“ рече дека одлуките што ги носиме сега ќе ја обликуваат нашата економска стабилност, здравјето на животната средина и социјалната благосостојба во годините што доаѓаат.

-Енергетската криза која се случи со почетокот на војната во Украина најдобро покажа колку е важна енергетската независност, на што во мојата земја во минатото за жал многу малку се посветуваше внимание. Декларативно се збореше за потребата од изградба на нови капацитети, но во пракса многу малку се правеше. Ја надминавме енергетската криза, но државата префрли речиси 400 милиони евра на ЕСМ, но факт е дека таа многу ја чинеше земјата, како поради набавка на струја од увоз по исклучително високи цени, така и поради субвенциите за потрошувачите. Тоа се пари кои да се инвестираа претходно во производни капацитети, ќе останеа во државата, рече Божиновска.

Зборувајќи за плановите на новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ таа истакна дека енергетската сфера е идентификувана како една од клучните области за стабилен економски напредок на Македонија, па токму затоа и првиот чекор беше формирање на сосема нова институција – Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

-Визијата на новата Влада е еколошки, одобрен и стабилен енергетски систем кој се темели на принципите на безбедност, ефикасност, одржливост и независност. Токму затоа главниот фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите. Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност, така што одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на новата Влада, посочи Божиновска.

Таа рече дека во програмата на Владата и новото министерство е изградбата на две когенеративни централи за гас со кои во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија, а енергијата добиена од овие централи ќе ни даде можност да вршиме балансирање на системот кога ќе е потребно. Исто така во план за изградба на ветерни паркови Богданци, Миравци и уште еден проект од 200 МВ. Со овие сопствени капацитети земјата ќе има квалитетен енергетски систем.Посебно место секако ќе заземе зелената транзиција па во тие рамки особено внимание ќе се посвети на енергетската ефикасност и зголемување на обемот на производни капацитети од обновливи извори на енергија.

-Планираме да ја интензивираме и енергетската поврзаност со околните земји со цел да се осигура стабилно снабдување на енергија во земјата, а на земјата и недостасува и енергетско поврзување со Албанија. Понатаму, треба да ги испитаме мрежните приклучоци издадени од МЕПСО и да ја разгледаме легислативата. Во сите земји, државните претпријатија за електрична енергија се многу активни – на пример, ЕПС имаше забележителни финансиски резултати за минатата година над 1 милијарда. Тргувањето со електрична енергија, од дневна купопродажба до долгорочна трговија, ќе се врши од ЕСМ и ќе биде уште попроактивно и во ова, потенцираше Божиновска.

Ни претстои, како што рече, и прилагодување на законот со ЕУ легислативата која опфаќа постројки за складирање на електричната енергија, формирање регистар за гаранции за потекло на електричната енергија, регулативи за CBAM почнувајќи од 2026 година, спојување на пазарот, спроведување на претстојниот ден во нашата енергетска берза и модернизирање на постојната преносна и дистрибутивна мрежа.

-Секако мора да бидеме реални и да кажеме дека работите нема да можат да се променат веднаш, но реализацијата на идејата за ново министерство е првиот чекор кон ставање ред во овој домен, зголемување на координацијата и креирањето издржливи, а пред се, реални и остварливи политики во областа на енергетиката, истакна Божиновска.

Таа исто така во своето излагање се осврна и на регионот и рече дека постои обврска да ја забрзаме трансформацијата на овој сектор, со крајна цел – да го отвориме патот за почиста, поекономична и одржлива иднина за Западен Балкан.

-Во ова трансформативно патување, зелената транзиција мора да биде во срцето на сите наши напори. Европската унија има клучна улога во овој поглед, со дополнително обезбедување насоки и поддршка за Западен Балкан. Преку финансиска помош, техничка помош и поддршка на политиките, ЕУ беше инструментална во промовирањето на проекти за обновливи извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност во регионот. Вклучувањето на ЕУ не само што ја забрзува транзицијата, туку и го усогласува Западен Балкан со пошироките европски енергетски и климатски цели, зајакнувајќи го патот на регионот кон одржливост, потенцираше Божиновска.

Притоа таа рече дека од клучно значење е обезбедувањето соодветно финансирање што е камен-темелник на зелената транзиција, а Меѓународните финансиски институции и развојните банки можат да ги обезбедат потребните ресурси, но привлекувањето приватни инвестиции е исто така од витално значење. Овде, ЕУ може да продолжи да помага со нудење финансиски стимулации, грантови и заеми за поттикнување инвестиции во проекти за зелена енергија.