Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери. Средбата беше можност за потврдување на континуираната билатерална соработка и дискусија за можности за натамошно унапредување на заедничките иницијативи.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на соработката со Италија како еден од стратешките партнери на Македонија. Таа нагласи дека досегашните успешни билатерални односи се добра основа за натамошно зајакнување на енергетските врски меѓу двете земји, особено во насока на инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и модернизација на инфраструктурата.
Амбасадорот Палминтери изрази подготвеност за продлабочување на соработката и поддршка на иницијативите што придонесуваат за енергетска сигурност и одржлив развој. Тој нагласи дека италијанските компании имаат интерес за учество во енергетски проекти во Македонија и ја потенцираше важноста на размената на искуства и технологии како клучен сегмент во енергетската транзиција.
Во таа насока амбасадорот ја информираше министерката Божиновска дека во Македонија во текот на годината ќе биде организиран македонско италијански бизнис форум, каде една од главните теми ќе биде и енергетиката. На форумот ќе присуствуваат голем број компании од Италија и Македонија, што ќе претставува одлична можност за споделување информации и продлабочување на соработката.
Двајцата соговорници се согласија дека традиционално добрите односи меѓу Македонија и Италија претставуваат силна основа за понатамошна соработка, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на привлекување нови инвестиции и имплементација на проекти што ќе придонесат за енергетската стабилност и економскиот развој на земјата.