Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска остварила работна средба со Шарлот Ру, извршен директор за Централна и Југоисточна Европа во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) со која разговарале за тековните енергетски проекти во Македонија.

– ЕБРД е посветена на поддршка на Македонија во нејзиниот енергетски развој и нашето партнерство ја покажува нашата заедничка цел – зголемување на енергетската сигурност и зелена економија во регионот, потенцирала Ру.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека средбата ја потврдила заложбата за интензивирање на дијалогот и развојот на нови проекти што ќе придонесат кон зелениот преод и економскиот раст на Република Македонија.

На средбата посебно била нагласена важноста на развојот на ветерниот парк Богданци 2 и напредокот на интерконекторот со Грција, кои ќе придонесат кон зајакнување на енергетската стабилност и интеграцијата во регионалниот пазар. Од страна на ЕБРД, е изразен посебен интерес за искористување на хидроенергетскиот потенцијал, со фокус на можностите што ги нуди хидроцентралата Козјак.

Бил разгледан и тековниот процес на изработка на Грид мастер планот, кој е клучен за стабилноста на електроенергетската мрежа и за овозможување поголем удел на енергија од обновливи извори. Се разговарало и за модернизацијата на системот за контрола и мониторинг (СКАДА), како и зајакнувањето на сајбер безбедноста на мрежата. Исто така, била потенцирана важноста на развојот на батериски системи за складирање енергија од страна на ЕСМ, како и инсталацијата на дополнителни капацитети за зајакнување на мрежата. Се дискутирало и за мерките за енергетска ефикасност и потенцијалните инвестиции што банката може да ги поддржи во рамки на националната енергетска стратегија.

– Министерството ја потврди својата силна посветеност кон партнерството со ЕБРД, која ја смета за клучен стратешки сојузник во процесот на енергетска транзиција и одржлив развој. Двете страни се согласија дека продолжувањето на успешната соработка ќе биде од суштинско значење за унапредување на енергетската инфраструктура и зајакнување на енергетската безбедност на земјата, се вели во соопштението.