Чудотворен памук, осветен од моштите на св. Андреја Првоповикан, лечи болести.
Честички од тие мошти на првиот од 12-те апостоли пристигнаа завчера во бугарскиот град Пловдив во катедралниот храм Успение на Богородица. Вчера, верниците можеа да им се поклонат во црквата Св. Марина.
Празничната литургија започна во девет часот. Инаку, денот на св. Марина, кој во Бугарија се слави на 17 јули, кај нас ќе биде одбележан на 30-ти (со оглед на различните календари по кои се раководат двете цркви).
Секој верник кој го посетил храмот добил на подарок памукче кое цела вечер стоело до светите мошто кои му даваат сила да лекува тешки болести, истакнале од бугарската црква, и на тој начин било осветено.
Светите мошти на првиот апостол биле донесени со благослов на неговото високопреосвештенство Теодосиј, архиепископ на Констанца од Романската православна црква. Свети Андреј Првоповикан се смета за нејзин покровител.