Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
Двајцата соговорници, како што соопшти МНР, размениле мислења за сèвкупните односи меѓу Црна Гора и Република Македонија и се сложиле за потребата одличните пријателски односи да добијат и интензивна економска димензија.
– Се радуваме што ќе ѝ се придружиме на Црна Гора во НАТО и во процесот на преговори за членство во ЕУ, истакнал Димитров на средба и се заблагодарил на конзистентната поддршка што Македонија ја добива од Црна Гора на тој план.
Брајовиќ на средбата ја реафирмирал силната поддршка од страна на Црна Гора со цел полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, упатувајќи охрабрувачки пораки за скоро финализирање на отпочнатите процеси. Тој изразил уверување дека Црна Гора ќе биде меѓу првите земји чие Собрание ќе го ратификува протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО.