Повеќе ми одговара да замре мојата колумнистичка активност, отколку мојата животна активност. Замирањето на колумнистичката активност во најголем број случаи е убава вест. Жално е што замираат вековните народни обичаи. Порано во секое време блиска личност ти го чешка грбот, особено местата на сврбеж што не можеш сам да ги дофатиш. И денес имаш грб, сврбеж и желба. Ама блиската особа нема време. Никој нема време.
Социјална сатира, урбан хумор, фини психолошки нијанси на ликовите…, се едни од основните обележја на пишувањето на Братислав Димитров, еден од највпечатливите гласови во современата македонска пишувачка јавна сцена. Веќе, со децении.
Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Триесет и осум години бил драматург во Македонскиот народен театар, две години директор на Театарот за деца и младинци. Студирал Југословенска и светска книжевност. Живеел и работел во Лондон, Амстердам, Норвешка…
Бил кандидат за градоначалник на Скопје. Почнал да пишува колумни уште во 1969 година во тогашниот студенски весник „Фокус“. Напишал единаесет драми (“Глоговиот џбун”, “Дас капитал”, “Ни ќар ни зијан”…), три детски пиеси (“Пупи Паф”, “Свадбата на Итар Пејо”, “Крале Марко”), пишувал во сите релевантни македонски весници и магазини, издал пет книги со колумни.
Сите негови драми се изведувани во Македонија, а некои и надвор од неа, учествувал на неколку европски и светски фестивали.
Добитник е на главната награда за улогата во ТВ – драмата „Томе од бензиската пумпа” на ТВ-фестивалот во Порторож, главна награда на анонимниот конкурс за свечено отворање на новиот театар „Ј.Х.-Џинот“ во Велес, „13 Ноември“ – награда на град Скопје од областа на културата, главни награди за драмските текстови „Глоговскиот џбун“ и „Ноќите во бел сатен“ на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп…
Со своите 73 години, Димитров не мирува ни денес. Се „врати” преку Фејсбук, современиот „медиум” за се и сешто. И за Бато, неуморниот и лектирен автор за скопскиот живот.
Пишувавте колумни, па ве снема последниве шест – седум години… Што правевте освен што седевте во Берово?
Ништо. Јас сум пензионер, духовен аристократ. Можам да не правам сѐ што сакам да не правам. Во Берово седам само кога пијам еспресо. Седам и во оргиналната кафеана „Мрс“ кога сум многу гладен. Тука човек сфаќа дека ништо не може да ја замени радоста на ќебапчето. А, во Владимирово шетам, седам, лежам и спијам. Кога таму станав зет, се сретнав со древното малешевско прашање: „Зет ли е рода, магаре ли е стока?“ Секаде има дрвја, тревки, бумбари и небо. Но, во Владимирово има вредни и духовити луѓе. И што е најважно, само тука има луѓе што не знаат да се лутат. Чест на исклучоците. Патем, пред години, Владимирово беше најобразованото место во Европа според бројот на жители.
Зошто замре Вашето колумнистичко авторство?
Не се жалам. Повеќе ми одговара да замре мојата колумнистичка активност, отколку мојата животна активност. Замирањето на колумнистичката активност во најголем број случаи е убава вест. Жално е што замираат вековните народни обичаи. Порано во секое време блиска личност ти го чешка грбот, особено местата на сврбеж што не можеш сам да ги дофатиш. И денес имаш грб, сврбеж и желба. Ама блиската особа нема време. Никој нема време. И скоро секој е на тешки дроги како „Звезде гранда“, ред карпети, бек стејџови, ток-шоу емисии, подкасти и кич серии, на чело со ѓаволскиот Фејсбук.
Што мислите за луѓето кои пишуваат се уште колумни? Еве и вие пак се вративте и тоа на Фејсбук…
Мислам сѐ најдобро. Подобро е да пишуваат колумни отколку да се пијанчат, дрогираат, коцкаат или (боже ме прости) да се к..ваат! Јас ги изгубив сите телефонски броеви и во мобилара ми побараа сума колку за 365 кебапчиња. Тогаш, после 13 години го деблокирав мојот Фејсбук за да си ги пронајдам пријателите. Патем објавив една колумна и така почна моето колумнирање. Зошто повторно пишувам? Ќе ризикувам да испаднам чаламџија, но во мојот случај прашањето треба да гласи: Зошто паузирав со пишувањето?
Нема веќе медиуми или ви се потрошија „нервите“?
Јас имам уште неколку нерви, а за медиуми не гарантирам.
Има една интересна дефиниција дека старите скопјани ги уби чаламот…
Чаламот убива секого. Никој не се излечил од таа болест. Живееме во нарцисоидна култура. Јавното стана приватно, а приватното јавно. Јас сакав да се родам во Буенос Аирес, ама некој сперматозоид бил побрз во Скопје. Така станав скопјанец. А сега веќе и стар.
Славниот сликар и писател Момо Капор, формално правно роден е во Сараево. Како тримесечно бебе со семејството се преселил во Херцеговина. Во тој карпест пејсаж рано станал сирак. Подоцна завршил ликовна академија во Белград и сосема заслужено станал поголем Белграѓанин од сите што се родиле во Белград, а и тие што допрва ќе се родат.
Зошто замре „старо Скопје“ и маалските херои?
На старите нешта им личи да умираат. Прашањето е дали има нови и дали се подобри од претходните. Светот одамна нема херои. Едвај се наоѓаат и во читанки, стрипови и филмови за научна фантастика. Во денешно време херој е тој што ќе преживее. Сѐ друго е чист ќар, подарок од дедо Господ.
Совет за „младите – стари скопјани“?
Одамна не давам никакви совети. Не сакам да ги заглавам луѓето.
Што мислите за т.н. инфлуенсери?
А, што има јас да мислам? Тие нека му ја мислат.
Зошто ја баталивте глумата?
Поточно е дека глумата ме батали мене. Јас знаев што е врвна глума, ама не успеав да ја достигнам. Постојано трчав зад моите високи критериуми и еден ден се уморив. Тоа беше крај, на взаемно задоволство.
Актерот е Сизиф и Прометеј истовремено. Актерството е ментален стриптиз до коска. Актерството е сонување со отворени очи. Театарот е естетски оргазам.
Прво студиравте книжевност, па станавте актер, па драматург, колумнист… ?
Да. Прашањето е точно.
Што, всушност, сакате најмногу да работите?
– Најсреќен ме прави моето семејство, но најмногу дружбата со моето внуче Марко. Јас сум класичен дедо. Може да ми се по.ере на главата, нема да забележам. Сум имал тешки моменти, олимписки подеми и падови, но мене никогаш во животот не ми било здодевно. Читам, пишувам, возам точак, играм шах, слушам музика, гледам филмови, се дружам и се смеам со моите стари другари од детството.
Најмногу сакам да пишувам. Уметноста е естетизација на смртта. Упад во непознатото. Создавање на нови светови што предизвикува катарза и божје чувство.
Што работи еден драматург во македонски театар?
Не знам што и како работат. Ќе треба нив да ги прашаш. Како што кондураџија крпи, лепи и става флекни и пенчиња, така и јас се бавев со драматуршкиот занает. Поправав текстови. Тоа значи дека кратев непотребни работи, одредував пропорции, ставав повеќе глаголи од именки и т.н.
Јас сум одбил лош текст на познат драмски писател од лектира. Но, сум предложил добар текст на студент од трета година на ФДУ во класата на Горан Стефановски.
Дали е компромитирана македонската драма 20-ина години наназад?
Западна Европа има скоро 200 милиони жители и имало години кога нивните најдобри драми не би ги потпишал дури ни јас. После сто години норвежаните го добиле првиот писмен и вистински драмски писател Хенрик Ибзен. Направиле од него икона, која од денешен аспект изгледа претерано и незаслужено.
Како може да имаме македонска драма кога за македонските работи најмалку или вооопшто не одлучуваат Македонци?
Интересно е и што новиот МНТ го отворија со текст на Плевнеш, а новиот театар во Велес со ваш текст за Џинот. И кај исчезна потоа, или и други писатели требало да бидат „намирени”…
Одамна сме пријатели, но тоа не ме спречува да ти кажам дека твоето прашање е безобразно и неосновано сугерира на непотизам. Македонскиот театар е единственото место каде долги децении се работи чесно, креативно и посветено. Затоа беше еден од најсилните и најнаградувани во СФРЈ, држава со 22 милиони жители и стотици театри! Се разбира дека имало падови и грешки, но никогаш немало финансиски или естетски скандали од големи размери. Текстот на Јордан Плевнеш беше одбран на анонимен конкурс. Тој со својата епска и лирска димензија, а особено со својата структура, го инспирира извонредниот режисер Дејан Пројковски на спектакуларен начин да го прмовира новиот татар МНТ и сите негови технички и уметнички можности.
Ова никогаш и никаде не сум го кажал, ама заради „незгодното“ прашање ќе морам. Особено што во тој период се изнакажаа и изнапишаа безброј глупости и невистини. На анонимен конкурс, од 45 пиеси, жирито од 7 (и со зборови: седум!) угледни членови, едногласно и скоро без дискусија го прогласиле мојот текст најдобар за отворање на новиот театар во Велес. По тој повод режисерот Љубиша Георгиевски изјави дека мојот текст е нешто најдобро напишано во македонската литература воопшто! Јас му реков: „Професоре, ви благодарам. Десет посто да е точно од вашата изјава, за мене е голема среќа“.
Инаку, текстот не се викаше „Џинот“, туку „Најважната работа на светот“.
Кој Ви е следниот план, Бато?
Планирам да напишам домашна драма.
Бранка Д. Најдовска за МИА