Бразилскиот град Серана почна со имунизација против коронавирусот на целата своја возрасна популација – прво вакво клиничко испитување во една од најпогодените земји во светот од пандемијата. Амбициозната кампања за вакцинирање на 30.000 од 50.000 жители на градот ќе им овозможи на властите да го анализираат влијанието на имунизацијата врз пандемијата.
Со исклучок на бремени жени и доилки и оние кои се болни, секој возрасен човек во градот на околу 300 километри од Сао Паоло ќе добие две дози наCoronaVac до 2 месеци. Иницијативата ја покрена Институтот Бутантан под покровителство на државата Сао Паоло. Институтот произведува вакцина „CoronaVac“, што ја разви кинеската компанија „Sinovac“.
-Целта на студијата е да се види колку е ефикасна вакцинацијата во една заедница и со тоа да се идентификува колективната ефикасност на вакцинирањето на лицата, рече Рикардо Паласиос, директор на клинички испитувања во Бутантан.
За кампањата се издвоени околу 60.000 дози од вакцината.
Ангажирани се над 500 луѓе да го спроведат целосното истражување, кое ќе трае година и половина.