Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро е казнет со 108 долари за учество на мотоциклистички настан во државата Сао Паоло, на кој не носеше маска и не ги почитуваше другите превентивни мерки.
Илјадници моторџии учествуваа вчера на собирот „Да забрзаме за Христа“ во Сао Паоло. Претседателот на екстремната десница излезе на чело на поворката со отворен шлем и без маска, со што ги прекрши правилата на оваа бразилска држава.
Властите во Сао Паоло соопштија дека го казниле Болсонаро со 552 реали (околу 108 долари), како и неговиот син Едуардо, член на Конгресот, и министерот за инфраструктура Тарсисио Гомеш, за неносење маска и непочитување на мерките за социјално дистанцирање за време на настанот.
Болсонаро, кој повика на собири низ цел Бразил, како подготовка за претседателските избори следната година, не ги послуша предупредувањата на гувернерот на Сао Паоло, Жоао Дорија, негов политички ривал, кој кажа дека претседателот ќе биде казнет доколку не ги почитува законите на земјата.
Болсонаро повеќе пати им се спротивстави на Дорија и другите гувернери во врска со мерките што ги воведоа за борба против коронавирусот, бидејќи во Бразил починаа речиси 484.000 лица.
Болсонаро редовно ги критикува мерките за затворање и носење маска и ги промовира лековите, како што е хлорокин, иако студиите покажуваат дека се неефикасни.
Обраќајќи им се на група приврзаници кои вееја знамиња, Болсонаро повторно зборуваше против носењето маска. Претседателот смета дека вакцинираните лица не треба да носат маска.
-Невозможно е вакцинирана личност да го пренесе вирусот, рече тој.