Бразилскиот фудбалски клуб Сантос од Сао Паоло откри планови за трајно повлекување на дресот со бројот 10, кој во текот на својата кариера носеше легендарниот Пеле.
Повеќе бразилски медиуми објавија дека ќерките на Пеле, по неговата смрт во четвртокот, побарале од клубот повеќе никој во Сантос да не ја носи легендарната десетка.
– Tоа ќе му го предложиме на Управниот одбор. За такво нешто постои процедура, потребно е да се состанат членовите на Одборот и тоа да го одобрат. Во меѓувреме, со административен акт во текот на идниот месец привремено ќе го укинеме користењето на бројот 10, надевајќи се дека нашиот одбор ќе ја претвори таа одлука во трајно решение, изјави претседателот на Сантос, Андре Руеда.
Дресот со бројот 10. во моментов во Сантос го носи венецуелскиот напаѓач Џеферсон Сотелдо, кој од Пеле се збогува со објава на социјалните мрежи.
– Носењето на твојот дрес и грижата за него со љубов и почитување е мојата мисија. Ти нè напушти, но твоето наследство и спомените остануваат. Ти благодарам на сè, кралу Пеле, напиша Сотелдо.
Пеле почина во четвртокот на 82-годишна возраст.