Актерот Бред Пит купил и се преселил во Калифорнија монтажна куќа дизајнирана од грчкиот архитект Николаос Ксастерос во 1969 година и реставрирана од познатиот француски архитект и дизајнер на мебел Клемент Чивидино, објавија денес шпанските медиуми.
Чивидино ја изложил куќата, бисер на монтажна архитектура, во изложбен простор во шпанскиот град Сан Клементе Сесебес, а американскиот актер дознал за неа и сакал да ја купи, објави EFE.
Куќата, која наликува на НЛО, е направена од фиберглас, има дрвени подови и површина од 45 квадратни метри. Како што објави шпанската агенција, куќата била преместена во САД кон крајот на минатата година во два големи контејнери.
Склопена е во Калифорнија, каде што Пит има и други куќи од овој тип во својата колекција.
Чивидино ја пронашол куќата наречена „Ксастерос Хаус“ напуштена во Грција и ја купил во 2023 година за потоа целосно да ја реставрира.
Чивидино рекол дека Бред Пит е страствен љубител на архитектурата и дека поседува колекција од неколку модели на уникатни куќи дизајнирани од меѓународни архитекти, како и дека го сака дизајнерскиот мебел, до тој степен што создал своја линија мебел.
Според Чивидино, Пит, исто така, ги здружил силите со американскиот архитект Френк Гери во проект за обезбедување домување за голем број луѓе кои останале без дом од ураганот Катрина во 2005 година.
Двајцата основале фондација во Њу Орлеанс и изградиле нов тип куќа од одржливи материјали, објави агенцијата EFE.