Излезот на Велика Британија од ЕУ без договор претставува закана од недостиг на сперма за британските двојки со репродуктивни проблеми, бидејќи тие повеќе не ќе можат да се обратат кон европските банки за сперма. Ова е нагласено во владиниот технички документ, кој има за цел да го подготви населението за последиците од евентуален Брегзит без договор.
Во документот се наведува дека минатата година во земјата биле увезени околу 3.000 пратки сперма од Данска и 4.000 од САД. Околу 500 јајце клетки и ембриони од европски земји, исто така, биле испорачани во Лондон.
Доколку преговорите меѓу Лондон и Брисел не успеат, европското законодавство околу прашањата за крвта, ткивата и матичните клетки повеќе нема да се применува во Велика Британија, соопшти Владата.
Како резултат на тоа, британски банки за сперма ќе мора да склучат нови договори со соодветни инстанци. Министерството за здравство нагласи дека лиценцираните компании ќе можат да дојдат до увоз од трети земји. Сепак, ова не е големо олеснување за земјата, каде донациите на сперма драстично се намалија, бидејќи донаторите во 2005 година го загубија правото на анонимност.