Ирските националисти и пробритански унионисти во Северна Ирска денеска почнаа разговори за обновување на локалната влада.

Северна Ирска е без локална администрација речиси три години, а разговорите доаѓаат во време кога излегувањето на Велика Британија од Европската унија ја загрозува и онака деликатната политичка рамнотежа.

Шин Фејн се повлече од владата во јануари 2017 година, оценувајќи дека нема третман на рамноправен партнер. Оттогаш Шин Фејн и најголемата пробританска партија – Демократската унионистичка партија, вината за неуспехот да формираат влада си ја префрлаат една на друга.

Изборната победа на премиерот Борис Џонсон значи дека Брегзит сега е извесен, а Северна Ирска како единствена од конститутивните делови на Велика Британија, има копнена граница со држава на ЕУ и е изложена на многу потенцијални последици.

Унионистите, кои сакаат Северна Ирска да остане британска, стравуваат дека одлуката на Џонсон Северна Ирска да се усогласи со пазарот на ЕУ ќе го трасира нејзиниот пат кон Обединета Ирска.

Ирските националисти, пак, кои бараат унија со Република Ирска, наведуваат дека членството во ЕУ и отворените граници биле главниот дел од мировниот договор од 1998 година со кој заврши 30-годишното секташко и политичко насилство.

Доколку до 13 јануари не постигнат договор повторно ќе се оддржат избори, и доколку ни потоа не се воспостави локална власт, британската Влада ќе мора да размисли за директна управа од Лондон, што сигурно ќе наиде на критки од националистите во Северна Ирска.