Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Данило Брестовац на собирот пред почетокот на подготовките за Европското првенство 2020, кое ќе се одигра во Австрија, Норвешка и Шведска, повика ракометари од кои очекува во следниот период да се наметнат и да се изборат за место во тимот кој ќе настапи на континенталниот шампионат.
Се работи за помлади играчи кои биле дел и од младинските селекции, но кои имаат помала минутажа во своите актуелни клубови.
– Овие ракометари му доаѓаат некако како Б-тим. Ќе видиме кој ќе се наметне од нив и кој ќе се придружи на подготовките во Словенија. Имаат четири натпревари за да ме убедат дека можат да бидат членови на А селекцијата. Може звучи грубо А и Б селекција. Тие имаат проблеми со мала минутажа во своите клубови, но јас ќе им дадам шанса. Мораат на овие натпревари да ме убедат дека заслужуваат место на Европското, изјави денеска Брестовац.
Во однос на настапите на ЕП, селекторот вели дека акцентот е ставен на првиот дуел со Украина, а потоа во зависност како ќе завршат другите средби, ќе се прави стратегија.
– Во прв план е натпреварот против Украина. Потоа ќе видиме како ќе одат работите на другиот меч помеѓу Чешка и Австрија и откако ќе знаеме како ќе се одвива резултатот, ќе знаеме каде да ставиме акцент. Целта е да влеземе во вториот круг. Во група сме со репрезентации од кои сме подобри и можеме да ги победиме, рече Брестовац.
Брестовац за оваа фаза од подготовките дополнително повика уште еден ракометар.
Станува збор за левиот бек на Вардар, Дејан Кукуловски, кој се најде на поширокиот список.
На вториот собир по Нова Година, треба да се вклучат поискусните ракометари – Ристовски, Пешевски, Стоилов, Манасков, Георгиевски, Талески, Кузмановски, Кире Лазаров како и Томовски.
Првите два меча на подготовките, Македонија ќе ги игра на 25 и 26 декември во Србија против Кувајт, додека на „Трофеј Карпати“ ќе учествуваме на 28 и 29 декември.
На Европското, кое почнува на 9 јануари и ќе се игра до 26-ти, сме во групата „Б“ заедно со Австрија, Чешка и Украина. На овој шампионат за првпат учество ќе земат 24 репрезентации.