Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан останува приоритет на полското претседателство со Советот на Унијата, кое почна на почетокот на месецов, вели во интервју за „360 степени, вршителот на работи амбасадор на Полска, Мариуш Бримора, во Македонија.

Тој уверува дека Полска не се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети и нагласува дека неговата земја ќе ги продолжи и зајакне активностите за забрзување на пристапувањето на регионот во Унијата.

-Минатиот декември премиерот Туск, за време на посетата на Србија, изјави дека проширувањето на ЕУ ќе биде во фокусот на нашето внимание за време на претседавањето. Ќе ја повикаме новата висока претставничка Каја Калас, за време на нашето претседавање, да организира министерски состанок ЕУ-Западен Балкан за да се задржи интересот за соработка со регионот, да се процени напредокот во проширувањето и, на пример, да се постигне напредок во нормализацијата меѓу Србија и Косово. Ги поддржуваме земјите од Западен Балкан низ низа други активности и проекти како твининг-проектите, еден од нив наредната недела ќе биде отворен овде во Скопје. Со него ќе раководат полски експерти за транспортни прашања. Преку годишната академија за проширување, на која присуствуваат претставници на сите земји од регионот, нудиме билатерален трансфер на знаење за процесот на проширување. Значи, С. Македонија ако поднесе барање за некакви консултации, наши експерти ќе бидат подготвени да го споделат тоа знаење. Треба да се напомене дека додека го снимаме ова интервју, вашиот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, е на пат кон Варшава, каде в петок ќе се сретне со нашиот министер за ЕУ, Шлапка. Тој ќе има и низа средби со полски владини претставници, вклучувајќи и парламентарци кои се дел од групата на полско-балканското пријателство. Вчера добив уште една покана за министерот Муртезани да присуствува на состанок на Советот во Варшава кон крајот на февруари, нагласува Бримора.

Вели дека работат на организирање на посета на министерот за надворешни работи на Варшава, а за летото планираат да организираат посета на претседателот на Собранието на Полска, заедно со неколку парламентарци. Главна тема на сите овие состаноци ќе биде проширувањето  и тоа, како што потенцира, значи дека Варшава не е пасивна.

Во однос на блокираните евроинтеграции на земјава, Бримора најавува дека полското претседателство ќе се вклучи во напорите за надминување на ќор-сокакот обелоденувајќи дека наскоро претставници на полското МНР ќе заминат за Софија каде, меѓу другото, ќе се разговара и за ситуацијата со Македонија.

За „ќор-сокакот“, во кој се наоѓа земјава нагласува дека тоа е сто проценти билатерално прашање и како такво треба да го решат инволвираните земји. Според него она што можат да го направат останатите членки на ЕУ е да поддржат решение кое е во насока на постигнување компромис на каков било меѓународен форум или на ниво на ЕУ и како што додава дефинитивно ќе поддржат такво решение.

-Но, зависи од вас, да почнете да разговарате и да договорите компромис. Дополнително, според мене, а зборувам врз основа на полското искуство, има уште еден фактор кој е многу важен, а тоа е помирувањето. Лично мислам дека треба да се почне со процес на помирување со Бугарите зашто, колку што знам, прашањето кое го блокира напредокот во ЕУ-проширувањето е дел од многу поширок и многу подолг историски спор. Полјаците, од сопственото искуство во помирувањето со Германците, многу добро знаат, а и се подготвени тоа искуство да го споделат… Еве, на пример, минатиот декември во Полска се одржа четвртиот специјален семинар за млади лидери и млади, организиран од нашето министерство во партнерство со Германија и фондацијата „Крижова“, за да се сподели полското искуство во процесот на помирување. Повратната информација која ја добивме од овие млади луѓе беше многу добра. Она што ветува е дека веќе има план за наредната година на овој семинар да поканиме и претставници од Бугарија од помладите генерации, истакна Бримора.

Тој напоменува дека помирувањето е долготраен процес, за кој треба време, а според него засега главна задача на Влада во Скопје е да почне да разговара и да дојде до некаков заклучок, што е можно побрзо, кој е прифатлив за двете земји.

-Но, тоа не значи дека ние нема да помогнеме. Колку што знам, нашиот заменик-министер за надворешни работи задолжен за европска политика, наредниот месец планира посета на Софија. Сигурен сум дека ќе ја искористи можноста да разговара и да ги охрабри бугарските партнери да размислат за билатерални разговори со кои ќе се постигне неопходниот компромис, вели в.д. полскиот амбасадор.

Во однос на устаните измени со одложено дејство вели дека некои сојузници на Владата инсистираат дека тоа е возможно, но додава дека од друга страна нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата.

-Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен. Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, како што слушнавте, изјави дека очекува Македонија да ги имплементира уставните измени. Сè е поврзано со стариот латински принцип во меѓународното право – pacta sunt servanda, што значи дека договорите треба да се почитуваат. Се сеќавам на еден мој добар пријател, извонреден Американец со полски корени, генерал Ед Рауни, кој беше советник за безбедност на пет американски претседатели. Откако се пензионира, тој напиша книга за преговорите за разоружување меѓу САД и СССР. Книгата беше насловена „За танго треба двајца“, нагласува Бримора.

Додава дека прашањето е како да се искористи овој момент пред да го снема со оглед на останатите предизвици со кои се соочува Европа.

-Го почнавме разговорот за одредени предизвици со кои се соочува Европа, почнувајќи од војната која е на нашите граници до сите различни кризи со кои се бориме. Тоа може да резултира со ставање на вашите евроинтеграции на маргините. Ако на ова додадете одредени непредвидливости, како што е доаѓањето на новата американска администрација која може да го тргне фокусот од ЕУ кон други прашања како контролата врз Панамскиот Канал или проектот за мир во Украина, тогаш може да излезе дека приоритетите на ЕУ ќе се променат и дека моментот може ќе замине. Затоа, ако јас бев ваш советник, а не сум и тоа е само мое лично мислење, тогаш би сакал вашата Влада да ги одмери работите „за“ и „против“ и да види што треба да направи за да добие најголем можен профит за граѓаните на С. Македонија, додава Бримора во интервјуто за „360 степени“.

Фото: „360 степени“