Велика Британија вчера воведе санкции против седуммина офицери на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), за кои се претпоставува дека се вмешани во инцидент со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, соопшти британското Министерство за надворешни работи во ажурираната листа на санкции.

САД се приклучија кон санкциите кои ги воведе Велика Британија против седум руски офицери на ФСБ, се наведува во заедничкото соопштение на Стејт департментот.

Во документот се наведува дека се воведени санкции против Алексеј Седов, Кирил Василиев, Станислав Макшаков, Владимир Богданов, Алексеј Александров, Иван Спиридонов и Владимир Пањајев.

Тоа значи дека нивните банкарски сметки се замрзнати и дека им е забранет влез во Велика Британија, јави Тасс.

Официјален Лондон ги сомничи оперативците на руската разузнавачка служба за вмешаност во труењето на критичарот на Кремљ, Навални.

– Александров беше оперативец на криминалистичката единица која е присутна во Томск, каде што Навални беше отруен. Доказите, вклучувајќи телефонски и патни записи, покажуваат дека Алексеј Александров бил еден од оперативците вклучени во употребата на хемиско оружје при обидот за убиство на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални за време на неговата посета на Сибир во август 2020 година, се наведува во записот на листата санкции.

Навални беше префрлен на лекување во Германија откако беше отруен со нервен агенс во Сибир на 20 август минатата година, тврдат западни експерти.

Москва ги отфрли таквите наводи и го обвини Западот за ширење клевета.

Навални беше уапсен во јануари годинава, откако се врати во Москва од Германија, каде што пет месеци се опоравуваше од труење.

Во февруари, тој беше осуден на две и пол години затвор поради кршење на условната казна од 2014 година за осуда за проневера, која ја отфрли како политички мотивирана.