Клучното гласање во британскиот Парламент за договорот за условите за напуштање на Велика Британија на Европската унија, нема да биде одложено по одлуката на Европскиот суд за правда. Тоа го изјави денеска британскиот министер за заштита на животната средина Мајкл Гоув.
– Ќе има гласање, изјави Гоув за Би-Би-Си.
– Алтернативи за поддршка на тој договор се или можно ненапуштање на ЕУ или можеме да имаме ситуација со неповолни околности или без договор, изјави тој.
Европскиот суд за правда денеска пресуди дека Британија може еднострано да ја повлече својата одлука за напуштање на ЕУ. Тоа се случува на само еден ден пред гласањето во британскиот Парламент за договорот што британската премиерка Тереза Меј го постигна со европските официјални лица за условите за напуштање на нејзината држава на Унијата.