Молдавија треба да биде „опремена по стандардите на НАТО“ за да може да и се помогне да се заштити од руската закана, изјави британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.
Трас изјави дека се водат разговори со сојузниците како да им се помогне на помалите нации да се одбранат, пренесува Би-Би-Си.
Таа кажа дека е јасно дека и покрај ограничениот успех во Украина, претседателот Владимир Путин сè уште има „амбиции да создаде голема Русија“.
Молдавија, некогашна советска република, се наоѓа на југозападната граница на Украина, не се граничи со Русија, но е блиску до некои региони кои во моментов се окупирани од руските сили на југот на Украина.
Молдавија не е членка на НАТО, но поднесе барање за приклучување само две недели по инвазијата на Украина.
Трас додава дека разговорите за подобрување на одбраната на Украина со цел да се одврати идната руска агресија ќе опфатат „други ранливи земји, како Молдавија“.
-Би сакала да ја видам Молдавија опремена според стандардите на НАТО и за тоа разговараме со нашите сојузници, кажа шефицата на британската дипломатија.
Лиз Трас: Русија е закана и за Молдавија
Западните сојузници разгледуваат овозможување долгорочна воена поддршка за Украина, која би можела да вклучи поддршка за Молдавија која не е членка на НАТО, рече британската министерка за надворешни работи Лиз Трас во интервју објавено денеска.
Москва е „апсолутно“ закана за Молдавија бидејќи претседателот Владимир Путин се обидува да ја обнови Голема Русија, изјави таа за Дејли Телеграф. Како можеме да гарантираме дека Украина ќе биде во состојба постојано да се брани и како можеме да обезбедиме тоа да се случи? Ова е она на што работиме сега. И ова важи и за другите ранливи земји како Молдавија. И бидејќи заканата од „Русија е повторно поголема, ние исто така треба да се погрижиме тие да бидат опремени според стандардите на НАТО“, објасни министерката.
Пред еден месец, серија експлозии го погодија сепаратистичкиот регион Придњестровје, поддржан од Русија, што ги зголеми стравувањата од ширење на војна од соседна Украина. На 4 мај, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, вети дека ќе ја зголеми воената помош на ЕУ за Молдавија, која во март ја поднесе својата кандидатура за пристап во Алијансата.