Стефен Даути, министер задолжен за Европа и Северна Америка на Обединетото Кралство, сподели детали на Платформата Х за средбата со вицепремиерот Александар Николоски.
На средбата се разговараше за економската и политичка соработка со посебен акцент на унапредувањето на трговска соработка, особено во делот на инфраструктурниот сектор и инвестиционите проекти предвидуваат економски раст и развој за Македонија
Се разговараше и за стратешкото партнерство помеѓу двете држави во рамките на НАТО Алијансата.
Британскиот амбасадор во Македонија исто така сподели објава на Платформата X за средбите на вицепремиерот Николоски за време на неговата посета на Обединетото Кралство.
Во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес, Македонија и Обединетото Кралство интензивно работат на создавање амбиент на заемен раст и безбедност.
Како што информираат од британската страна, акцентот е ставен на продлабочување на партнерството во рамките на НАТО, справување со нерегуларната миграција и зајакнување на трговските врски меѓу двете земји.
Во таа насока, оваа недела во Лондон, вицепремиерот Александар Николоски имаше серија средби и беше пречекан од министерот за Европа, Северна Америка и Британски прекуморски територии, Стефен Даути, како и од министерот за услуги, мали бизниси и извоз, Гарет Томас.
Средби беа одржани и со претставници на британската агенција за извозно финансирање (UKEF) и на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство (FCDO).
Од двете страни беше истакнато дека зајакнувањето на партнерството во НАТО и унапредувањето на трговските односи се стратешки приоритети за претстојниот Самит на Берлинскиот процес.