Новиот британски премиер Кир Стармер, кој ја презеде функцијата по победата на неговата Лабуристичка партија на парламентарните избори во земјата на почетокот на минатиот месец, го откажа планираниот одмор поради немирите во Велика Британија, јави ДПА.
Се очекуваше Стармер овој викенд да замине на одмор во Европа со своето семејство. Наместо тоа, тој ќе работи до крајот на следната недела во својата канцеларија на Даунинг стрит 10, како и во премиерската резиденција во Чекерс.
Стармер рече дека полицијата треба да остане во состојба на висока готовност во текот на викендот, иако засилената реакција на органите за спроведување на законот и брзото изрекување на казните на бунтовниците помогнаа да се подобри ситуацијата.
Насилството предизвикано од екстремно десничарските групи ја потресува Велика Британија повеќе од една недела како прв голем внатрешен политички тест за новата лабуристичка влада. На немирите му претходеше убиство на три деца од страна на млад човек чии родители се од Руанда во градот Саутпорт, северозападна Англија.
Повеќе луѓе вчера се појавија на суд во врска со неодамнешните немири, кога се одржаа протести против расизмот во голем број градови во Велика Британија, вклучувајќи ги Единбург и Белфаст. Само во главниот град на Северна Ирска на улиците излегоа околу 15.000 луѓе.