Српската премиерка Ана Брнабиќ коментирајќи ја забраната за влез на граѓаните со српски пасош на Косово, кажа дека тоа е најдобриот показател дека во „квазидржавата“ не се знае „кој пие, а кој плаќа“.
-Ми се чини дека сè што прават во таканаречената држава Косово е најдобар показател дека станува збор за квазидржава и дека таму никој не знае кој пие, а кој плаќа, изјави Ана Брнабиќ пред новинарите во Нови Сад.
Брнабиќ истакна дека ова исто така покажува колку е несигурна ситуацијата во Косово.
-Советникот на нивниот министер за надворешни работи рече дека е забрането граѓаните со српски документи да поминуваат, Харадинај кажа дека тоа не е забрането, тогаш советникот повторно кажа дека забрането, изјави Брнабиќ.
Дирекцијата за гранична полиција на Косово донесе одлука да не се признаваат српските пасоши при влезот на граѓаните на територијата на Косово. Според одлуката на граничната полиција, забраната за влез не се однесува на лица кои поседуваат лична карта и извод за деца со фотографија.
На оваа одлука реагираше и српскиот министер на полицијата, Небојша Стефановиќ, кој изјави дека властите на Косово на сите начини се обидуваат да го отежнат животот на српското население на Косово.