Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека е убедена дека иднината на иницијативата „Отворен Балкан“ е светла и дека ќе и се придружат и други од регионот.
Таа истакна дека оваа иницијатива е „автохтона и исклучително практична, бидејќи сите проекти имаат конкретна примена“.
„Без оглед на одредени изјави, а не верувам дека албанскиот премиер Еди Рама е против иницијативата Отворен Балкан, мислам дека за тоа зборуваше на последната прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ. Затоа, верувам дека иднината на оваа иницијатива е светла и безбедна“, рече Брнабиќ, која утре треба да се сретне со Рама во Тирана, на средбата на лидерите на Западен Балкан.
Таа го изјави ова во заедничкото обраќање со премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, со кого го посетија мобилното продажно место ОТВОРЕН БАЛКАН – електронска наплата, на наплатната станица Прешево, во правец кон Македонија.
Брнабиќ истакна дека иницијативата е отворена за сите од Западен Балкан, но и дека и другите надвор од овој регион, како Хрватска или Грција, сакаат да се приклучат на многу добрите проекти кои носат директна корист за граѓаните.
Како што изјави таа, „кога имате добри проекти, ќе се приклучат и други земји, не на целата иницијатива, туку на тие проекти“.
„Зошто ни е важно Хрватска да се приклучи најверојатно во август или септември, а сака да се приклучи и Грција. Затоа што сме во конкуренција со други земји и компании за патишта да го донесеме сообраќајот овде на Балканот“, објасни Брнабиќ за важноста да се привлече транзитот на цела Европа да минува низ Балканот.
Според неа, тоа би било „директна придобивка за нашиот БДП, што значи економски раст, зголемување на платите и пензиите“.
Ковачевски истакна дека иницијативата Отворен Балкан се покажала како многу корисна во цела низа области, отстранувајќи ги бариерите меѓу нејзините членки, истакнувајќи дека зголемената трговска размена е најдобар показател дека таа дава резултати.
„Иднината на Отворениот Балкан е светла. Сите ние еден ден ќе бидеме дел од Европската Унија“, рече Ковачевски.