Мандатарката за состав на новата Влада на Србија, Ана Брнабиќ денеска пред пратениците во Народното собрание го претстави своето експозе, кои преставува континитет на политиката од претходните влади, посочувајќи дека приоритети на идната влада ќе бидат новата енергетска политика, продолжување на европскиот пат со неселективно почитување на меѓународното право, зачувување на стабилноста, растот и развојот, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што истакна Брнабиќ, Србија се соочува со многу поголеми и посложени предизвици отколку што можеше да се замисли пред две години, кога во фокусот беше здравството, сега приоритет има енергетиката.
-Ја привршуваме изградбата на блокот Б3 на термоцентралата Костолац Б, гасната интерконекција кон Бугарија, а продолжуваме со изградбата на хидроцентралата Бук-Бијела во Босна и Херцеговина. Ќе треба да се започне со изградба на реверзибилните хидроцентрали Бистрица и Ѓердап 3. Не смееме да се потпираме само на еден енергетски извор или партнер, особено кога се покажуваат како несигурни, а најголем приоритет ќе биде изградба на нафтовод до Унгарија во најкус можен рок, рече Брнабиќ.
„Сè на сè, ќе инвестираме околу 12 милијарди евра во новата енергетска политика на Србија во наредните години како дел од планот за развој „Србија 2025““, најави Брнабиќ.
Во поглед на надворешната политика таа истакна дека без разлика на проблемите, Србија го продолжува својот европски пат.
-Европската унија може да биде критикувана за многу работи, но тоа е еден од најуспешните проекти на човештвото, раче таа во експозето, додавајќи дека Србија има 65 отсто од трговската размена со земјите од ЕУ.
Брнабиќ нагласи дека европската иднина на Србија најмалку зависи од брзината и квалитетот на реформи, а најмногу од тоа дали Србија ќе воведе санкции кон Русија и од прашањето за Косово.
-Целосно ги разбираме пораките од ЕУ дека натамошниот напредок зависи од две прашања. Дали веќе сега ќе се усогласиме со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, односно дали ќе воведеме санкции кон Русија; колку брзо и на кој начин е можно да се постигне конечен договор за нормализација со Приштина – што само по себе е прилично цинично затоа што Приштина денес, речиси 10 години по потпишувањето на Бриселскиот договор, чија имплементација е загарантирана од ЕУ, не го спроведува самото јадро на тој договор – Заедницата на српските општини, изјави таа.
Ана Брнабиќ рече дека црвените линии на Владата се сосема јасни и дека светиња и интерес на Србија е целосната независност да одлучува за сите прашања од внатрешната и надворешната политика во согласност со националните интереси и принципите на меѓународното право, како и зачувување на виталните интереси и безбедноста на српскиот народ на Косово.
-Ќе вложиме максимални напори за зачувување на мирот. Ќе дадеме се од себе да продолжиме да градиме подобро поврзан, економски отворен, стабилен и просперитетен регион. Ќе продолжиме да работиме на иницијативата Отворен Балкан и се надевам дека Црна Гора и Босна и Херцеговина наскоро ќе ни се придружат. Уште еднаш повторувам дека оваа иницијатива е отворена и за Приштина, бидејќи ќе обезбеди дијалог за
најважните теми за квалитетот на животот на сите луѓе во овој регион, а со тоа и за безбедноста на Србите на Косово , изјави Брнабиќ.
Ана Брнабиќ ги прочита имињата на кандидатите за министри кои треба да бидат во новата влада-Ивица Дачиќ, вицепремиер и министер за надворешни работи; Милош Вучевиќ, вицепремиер и министер за одбрана; Синиша Мали, вицепремиер и министер за финансии; Томислав Момировиќ, министер за внатрешна и надворешна трговија; Раде Баста, министер за економија;Јелена Танасковиќ, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство;Ирена Вујовиќ, министер за заштита на животната средина;Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура;Дубравка Негре, министер за рударство и енергетика;Маја Поповиќ, министер за правда; Александар Мартиновиќ, министер за администрација и локална самоуправа; Томислав Жигманов, министер за човекови и малцински права и социјален дијалог; Братислав Гашиќ, министер за внатрешни работи; Тања Мишчевиќ, министер за евроинтеграции; Бранко Ружиќ, министер за образование; Јелена Беговиќ, министер за наука, технолошки развој и иновации; Даница Грујичиќ, министер за здравство; Никола Селаковиќ, министер за труд, вработување на бранители и социјални работи; Дарја Кисиќ, министерка за семејна грижа и демографија; Хусеин Мемиќ, министер за туризам и млади; Зоран Гајиќ, министер за спорт; Маја Гојковиќ, министер за култура; Милан Кркобабиќ, министер за рурална заштита; Михаило Јовановиќ, министер за информации и телекомуникации; Марко Благојевиќ, министер за јавни инвестиции; Новица Тончев, министер без ресор; Ѓорѓе Милиќевиќ, министер без ресор;Един Ѓерлек, министер без ресор.
Во Собранието во тек е расправата за експозето и избор на новата влада, а според претседателот на Собранието, Владимир Орлиќ, до четврток треба да биде избрана новата Влада на Србија.