Премиерката Ана Брнабиќ изјави денеска во Брисел дека Србија не може да воведе санкции кон Русија затоа што нејзините граѓани, кои своевремено ги чувствувале ефектите што ги произведуваат, не го сакаат тоа. Брнабиќ рече дека Србија целосно се согласува со декларацијата на ЕУ за вредноста на Унија, но дека не може да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина.

„Нашиот народ не сака да се воведат санкции бидејќи ги почувствуваа ефектите од санкциите во текот на 90-тите. Сметаме дека санкциите секогаш предизвикуваат најголема штета на оние кои се најранливи во општеството“, изјави премиерката на Србија за медиумите во Брисел.

„Очекувам добри резултати и дискусии во однос на новиот план за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој е можност да се добијат средства од околу шест милијарди евра. Се разбира, средствата секогаш се условени со некои реформи, но ние не бегаме од реформи, тие се во интерес на граѓаните и ќе продолжиме да се занимаваме со нив“, рече таа во пресрет на самитот Европска унија – Западен Балкан.