Невладината организација СОС Медитеран, чиј брод „Оушн Вајкинг“ собра 572 мигранти во Средоземното море, побара од Европската унија да обезбеди пристаниште каде што ќе можат да ги симнат патниците што е можно побрзо.

– Ова е четврто барање упатено до релевантните поморски власти, соопшти денеска европската невладина организација, повикувајќи ги „европските земји итно да се координираат околу прием на патниците“.

На бродот има 572 лица спасени во шест операции, вклучувајќи жена и деца и четиримесечно бебе, и на сите им е потребно што побрзо да се симнат на безбедно место, рече член на невладината организација во видео снимено на бродот „Оушн Вајкинг“.

Тој рече дека од петок на патниците на бродот ќе им недостига храна и лекови, како и оти некои од патниците биле исцрпени и дехидрирани откако поминале три дена на море под сонце пред да бидат спасени.

На 1 мај, „Оушн Вајкинг“ на Сицилија симна 236 мигранти спасени на море.