Бројот загинати во рускиот ракетен напад врз станбена зграда во југоисточниот украински град Дњепар се искачи на 35, изјави денеска претставник на регионалната администрација.

„Спасувачите продолжија да ги пребаруваат урнатините по уште жртви“, рече регионалниот гувернер, Валентин Резниченко.

Во нападот извршен во саботата се ранети најмалку 75 лица, а 35 се уште се водат како исчезнати. Во повеќекатницата живееле околу 1.700 луѓе, а граѓаните велат дека на тоа место немало воени цели.

Нападот е дел на новиот бран руски напади врз повеќе украински градови и локации.

Обновените напади на Москва доаѓаат во мигови додека во тек се жестоки борби во источната украинска провинција Доњецк, каде што руската војска тврди дека ја презела контролата врз малиот град Соледар, додека Украинците велат дека нивните сили се уште се борат во градот.

Руските сили денеска извршиле напад врз градот Запорожје, при што е оштетена индустриската инфраструктура, а ранети се три лица, од кои две деца, соопшти регионалната администрација.