Новите бугарски министри за надворешни работи и за економија во техничката Влада, Светлан Стоев и Кирил Петков, со американската амбасадорка во Софија, Херо Мустафа, ги разгледаа темите од агендата на стратешкиот дијалог Бугарија-САД и претстојното бугарско претседателство со иницијативата за три мориња.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, министерот за надворешни работи Стоев го истакна континуитетот во надворешната политика на службената влада, како и желбата на бугарската страна за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство со САД и на билатерален план и во контекст на трансатлантските односи. Тој се фокусираше на клучните приоритети на Бугарија во односите со САД, вклучувајќи го и приемот на Бугарија во Програмата за безвизен режим (Visa Waiver Program), почетокот на преговорите за билатерален договор за социјално осигурување, поддршката за пристапувањето на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развојот.
Амбасадорката Мустафа пред министерот за економија Кирил Петков се осврна на претстојниот самит во Софија на Иницијативата за три мориња во 2021 година. Таа се заложи за поблиски контакти со деловните партнери не само од Централна и Источна Европа, туку и од САД.
Дописникот на МИА од Софија потсетува дека со воспоставувањето на стратешкиот дијалог Бугарија-САД, чија прва сесија беше на 8 јануари 2020 година, билатералната соработка беше подигната на квалитативно ново ниво, и на билатерален и на мултилатерален план.