По упатство на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, амбасадорот на земјата во Грција Валентин Порјазов побара итно објаснување од грчкото Министерство за надворешни работи, како и од Министерството за цивилна заштита и националната гранична полиција во врска со воведените брзи тестови за возачите на камиони на граничните пунктови со Бугарија, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи.Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот амбасадор во Атина побара грчките институции веднаш да престанат со оваа практика, бидејќи е во спротивност со регулативите на ЕУ. Грција ја прифати валидноста на бугарските аргументи и се обврза да го надмине проблемот.
Како што е посочено, поради заострување на мерките за влез во Грција со ПЦР-тестови за возачи на меѓународни камиони од 22 до 7 часот наутро, доаѓа до загуби и казни и значително се забавува распоредот на бугарскиот транспортен бизнис.
Потпретседателот на Сојузот на бугарски транспортни работници Веселин Дангов смета дека тоа е дискриминаторски однос кон превозниците.
Според бугарските превозници, ова е уште едно кршење на европскиот договор за зелени транспортни коридори од страна на Грција, поради што Дангов предупреди дека движењето на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција, Кулата – Промахон, од бугарскиот дел, може да биде блокирано.